Стојан ВЕЛКОВ-Трн: Викторија – силен крик за мајчина љубов

Мирна и Дејан со својата манијакална посветеност врз силниот и сугестивен текст на Славејков кој буричка во недозволеното, докажаа дека оние што се дрзнуваат – успеваат да одат подалеку од замката (во која често паѓаме сите), а тое е кусиот светоглед на медиокритетската маса што гуши!Strumica Оnline 

(ОСВРТ КОН МОНОДРАМАТА „ВИКТОРИЈА“)

Ете, се случи и премиерата на монодрамата „Викторија“, од авторот Јордан Славејков Тодоров и тоа на магичната Сцена 112 во театарот, таму каде што е и местото на креирање и изведба на една претстава. Уште при самиот влез во тој простор, пред почетокот на претставата, ве поведува една театарска мистика која посакува да биде откриена. А просторот како простор, сам од себе не може да биде ништо друго, освен празнина. Но, ако на таа иста празнина ѝ се вдахне духот на креацијата, тогаш неминовно влегувате во мистичен театарски свет, кој преку публиката, суштествува „само“ во тој миг и одекнува во спомените.

Тоа се случи и со „Викторија“. Публиката посведочи за уште еден длабок процес на создавање театар и сценско восплотување на едно дело. Ништо не смее да биде случајно на театарската сцена, макар илјада пати изгледало така. Во тој креативен стремеж, екипата на „Викторија“ создава претстава ослободена од сите, условно кажано, непотребности на сцената. Дејан Ангелов како режисер, има силен порив од бескомпромисно „чистење“ на актерот, а преку тоа и на преставата од тие непотребности, силен порив театарот да се роди од човекот, од креаторите на претставата, а не од бесмислено нафрланите сценски елементи. Оти, ако тие се несуштински, тогаш само пречат на сцената и ја прават натрупана.

Оваа претстава е до крај исчистена од непотребностите и си има своја театарска естетика. Има само еден рефлектор кој ја осветлува прецизно поставената сценографија со само неколку елементи на неа и актерот на сцена кој постојано е следен од сопствената сенка (која во текот на целата претстава како да игра паралелен театар). Во овој случај, Мирна Трпкова која ја игра Викторија, е оставена, не само без партнери, туку и без музика, без светлечки ефекти, без декор, навидум без ништо, а сама со себе и со својата сенка на сцената. А тоа е проклето тешко! Сведоци бевме на еден „машки загриз“ на Мирна да ја „породи“ Викторија на сцената. Нејзината силна потреба да се изрази, ги надмина сите предуслови за тоа кој може или не може, кој смее или не смее, видовме дека суштината е во тоа кој сака или не сака! Има многу сцени во претставата каде сте „грабнати“ од полнокрвното раскажување кое води кон целосно влегување во приказната. Неминовно, тоа е патот кој треба да ја донесе претставата во целосна екстатика и исчистеност од малкуте битови, разводнувачки елементи во истата. И во таа насока оваа претстава треба да созрева и да се кали.

А тоа не се постигнува без работа и јасна режисерска визија и без целосна актерска посветеност. Секој продукт во театарот е базиран на несебична соработка и верба, која раѓа силна доверба и меѓусебна поддршка. И покрај сите предрасуди и наталожени мислења, Мирна и Дејан со својата манијакална посветеност врз силниот и сугестивен текст на Славејков кој буричка во недозволеното, докажаа дека оние што се дрзнуваат – успеваат да одат подалеку од замката (во која често паѓаме сите), а тое е кусиот светоглед на медиокритетската маса што гуши!

Токму таа маса што гуши е главниот конфликт во „Викторија“, каде хероината го „живее“ својот живот по теркот на другите, на средината која кажува кој да ти е пријател, во кое „стадо“ припаѓаш, во кого и со кого треба да си вљубен… Викторија се бори со секоја капка крв за своите убедувања, сака силно да постави своја животна патека и успева да ја допре љубовта и дури и да се зачне плод од таа искрена љубов… Но сепак, таа станува трагична антихероина за толпата, прогонета, казнета од т.н. општество, но главното е тоа што таа е силно унаказена по земските мерки наметнати од својата мајка, која Викторија толку искрено и силно ја повикува, макар на еден телефонски повик, низ текот на нејзиниот живот на сцената. Тоа толку боли, што гледачот има порив на „исправка на грешката“. Таа силна потреба од мајчината љубов, тој постојан обид за потрага по скинатата врвца е двигател на внатрешниот процес во Викторија, која цел живот чувствува неизбришлива вина за тоа дека баш таа, од двете сестри близначки, успеала да излезе жива од утробата на мајка си. Тој камен ја влече надолу. И затоа има силна, вонземска потреба да допре до својата мајка и вистински да ѝ се случи мајчината љубов!

Викторија е повик за меѓусебно вслушување и прегратка на луѓето едни со други. Таа е патоказ на тоа каде води обезљубеноста и отуѓеноста на човекот од човек. Таа е силен повик кон пронаоѓање на љубовта пред да биде доцна.

Честитам на целата екипа и на Здружение за култура -Транзен и посакувам долг живот и, се разбира, растење и развој на нивното заедничко театарско чедо.

Отзиви и коментари